Извадок од Општо за свемирот

*******************************************

Ова утро во Импвил не беше ништо поразлично од претходното, кое пак по ништо не се разликуваше од тоа пред него. Се беше некако распеано, а на дрвјата од се срце растеа мунтар-булкани. Мунтар-булкан беше плод од кој што се правеше познатиот филозофски пијалок “Мунтар-булкан Филозофски Пијалок”. Според некое верувања, овој пијалок му помага на мозокот да размислува побрзо и пологично давајќи им сила на филозофите да размислуваат потрезвено. Други пак веруваа дека баш овој пијалок ги тера сите луѓе на планетата Импвил да постануваат филозофи.

Еден филозоф седеше под најголемата врба на планетата Импвил и размислуваше:

Значи, јас сум филозоф. Мојот татко исто е филозоф. Моите браќа и сестри се исто така филозофи. И моите предци биле исто така филозофи.

До кога вака?”

Под едно друго дрво, еден друг филозоф и пишуваше писмо до првиот филозоф:

“Високо ценета Индивидуо.

По повод вашето писмо кое што имавте намера да ми го пратите, а по повод мојот одговор на првото писмо што имавте намера да ми го пратите, Ви одговарам.

Предлогот кој што имавте намера да ми го испратите, се прифаќа!

Ваш пријател и колега,

Урфил

П.С. Нема потреба да ми одговарате поради тоа што знам што ќе ми одговорите”

Под едно трето дрво, трет филозоф пробуваше да си ги стави обете нозе позади главата. Не само што не изгледаше воопшто вкусно за другите, туки и многу лошо му одеше.

Како и да е, едно вообичаено утро за планетата Импвил. Навидум.

******************************************************

Огромен Салимандридски брод пролета над планетата Импвил. Со својата огромна коцкаста форма, засени неколку од сонцата и неговата огромна сенка падна над двајца од филозофите, оставајќи еден точно под бродот.

Од сите планети во галаксијата, овој брод одлучил да лета баш врз нашата. Да речеме дека има 500 милијарди планети. Да претпоставиме дека на сите тие може да се слета. И овој баш решил да слета над нашата?” - размислуваше филозофор под првото дрво и фаќаше белешки. По извесно време свати дека темата е многу опширна и дури тој да најде решение на проблемот, бродот најверојатно ќе си замине.

И нека го” - филозофот испи една голтка од Мунтар-булканот, и почна да размислува како би можеле да се употребат дрвата за нешто друго освен за правеќе чачкалици. Му падна на памет да направи коцкаст брод, но се сети дека веќе само што виде еден.

Вториот филозоф погледна накај бродот, помисли колку би било поубаво наместо ваков грд, црн и коцкаст брод, да слета некој кој што не би бил филозоф и ако ништо друго, да седнат и да испијат по некоја чашка Мунтар-булкан и да разговараат за фудбалот.

Третиот филозоф ја примети сенката но не гледаше накај бродот од принцип.

Добар ден” - загрме бродскиот звучник обраќајќи му се на првиот филозоф поради тоа што од сенката на бродот, не ги гледаше другите двајца

Како за кого” - рече едниот филозоф.

Молам?” - се огласи гласот од звучникот.

Како за кого добар ден.” - рече филозофот замислено. Можеше да каже и нешто попаметно, ама по кратко размислување реши дека нема поента да кажеш нешто попаметно на коцкаст брод, кој туку така доаѓа на некоја планета и згора на се, не комуницира очи во очи туку преку звучник.

Можеше да кажеш нешто попаметно” - рече гласот.

Можев, но не морам, така ли е?” - запраша филозофот

Како се викаш?” - запраша гласот

Така ли е?” - инсистираше филозофот

Што дали е така?” - збунето запраша гласот

Дека можев ама не морав. Така ли е?” - сега веќе детски инсистираше филозофот.

Што си можел ама не си морал?” - малку луто запраша гласот

Тоа јас тебе те прашувам” - инаетливо рече филозофот

Ме прашуваш мене да ти кажам што си можел а не си морал?” - тотално збунето рече гласот

Очигледно е дека те прашувам тебе. Зошто поставуваш глупави прашања?” - рече филозофот

Добро, извини. Очигледно е дека ме прашуваш мене, ама не ми е јасно прашањето. Ќе те замолам да го преформулираш” - рече гласот

Те прашав дали можев ама не морав. Не не! Те прашав дали морав ако можев. Не, чекај малку...” - запишуваше нешто филозофот. “Те прашав дали можев ама не морав. Тоа те прашав, да...”

А што тоа?” - се огласи звучникот по не баш кратка пауза

Филозофот повторно погледна во белешките и запиша нешто.

Е, тоа незнам. Смисли си сам. Битно е да се води дискусија”

Добро. Да речеме дека е така. И што ако е така?” - запраша гласот

Па, ништо. Така е така, не е така не е така. Ти одбра дека е така и погоди. Ти честитам” - рече филозофот

Погодив што?” - збунето запраша гласот

Дека сум можел ама не сум морал”

Што си можел?” - запраша гласот

Било што” - отсечно рече филозофот

Настана тишина.

Очигледно е дека не ни оди муабетот” - рече гласот. “Има ли некој друг со кој што би можел да разговарам”

Разговараме веќе пет минути а не се ни познаваме што значи дека муабетот ни оди многу добро. Тоа што не се согласуваме е друга работа. Нормало е две живи интелигентни суштества понекогаш да не се согласуваат. Затоа постои дискусијата. Така ли е?” - запраша филозофот

Настана тишина.

Кажи му дека е така” - сугерираше некој внатре во Салимандридскиот брод.

Ама капетане... Повторно ќе почне се од ново. А немаме време”

Кажи му” - гласот беше непреговарачки.

Така е” - се огласи звучникот по подолга пауза

Филозофот молчеше.

И?” - запраша гласот

И што?” - запраша филозофот гледајќи накај бродот

Што ќе кажеш на ова?” - рече гласот

Очигледно е дека се согласуваме по ова прашање и било што да ти кажам би било чисто губење време. Можам само да ти речам: Добро” - рече филозофот и запиша.

Настана тишина.

Кажи му дека не е така” - рече гласот внатре во бродот

Не е така” - рече гласот од звучникот

Филозофот молчеше.

Нема да кажеш нешто?” - праша гласот “Очигледно е дека не се согласуваме”

Ти немаш попаметна работа?” - праша филозофот

Повторно настана тишина.

Уништуваме ли лудаци, капетане?” - запраша Салимандронецот кој зборуваше на микрофонот

Не. Има ли знак на Глупометарот?” - рече капетанот гледајќи кон најголемиот интрумент на контролната табла.” Нема... Заминуваме. Ќе се вратиме повторно.” - рече капетанот

И бродот си замина.

2 comments:

роки said...

кога ќе ја види светов книгава? роки.

Marjan said...

наскоро...